Вардарки по пет меча од Лигата на шампионите уште немаат пораз, откако во дербито на петтото коло со 29:28 во Унгарија го победија тимот на ФТЦ.
Тренерот на Вардар, Ирина Дибирова вели дека победата е значајна и тешко остварена, но дека нејзините играчи одиграле најдобро кога било најпотребно.
„Тука не е лесно да се игра, па и да се победи. ФТЦ има одличен тим, и тие го победија Ѓер во домашното првенство. Кај нас недостатсуваше Лекиќ, што не беше добро за нас, зашто моравме да играме без еден важен играч. Знаевме дека ФТЦ ќе сака да победи и дека ќе се обиде да игра на начин што и го очекувавме. Среќна сум поради победата. До крајот на средбата успеавме да се справиме со притисокот од публиката и да освоиме два важни бода. Имавме и лош период во играта, но знаевме како да се носиме со притисокот и ситацијата. Девојките одиграа добро кога требаше. Мораме да работиме на што помалку грешки во играта. Сега се фокусираме на следниот меч со Турингер“, вели Дибирова.
Французинката Александра Лакрабер се согласува.
„Го надигравме ФТЦ на гостински терен. Игравме без Лекиќ, но одбраната беше навистина добра. Затоа и ни беше полесно да водиме во текот на средбата. Имавме и лоши периоди, но кога беше најпотребно бевме најдобри“, изјави Лакрабер, која постигна пет гола за „црвено-црните“.