Градоначалникот на украинската престолнина Киев и поранешен светски шампион во тешка категорија, Виталиј Кличко открива дека сакал да направи кам-бек во рингот за да му се одмазди на Ентони Џошуа за победата над неговиот брат Владимир.
Џошуа, актуелниот шампион во тешка категорија, го прати Владимир во пензија нокаутирајќи го во епска пресметка на „Вембли“ во април 2017 година, кога 42-годишниот Владимир загуби во 11-тата рунда.
Виталиј, кој беше во аголот на својот помлад брат признава дека сакал „да му ја скине главата“ на Британецот. Тој потсети на ситуацијата со тешкашот Крис Бирд од кого загуби во април 2000 година, за пет месеци подоцна Владимир да го победи Американецот како „одмазда“.
„Имав голема желба да влезам во рингот по мечот меѓу Владимир и Џошуа, и желба да му ја скинам главата. Во текот на целата кариера на браќата Кличко имаше таква компонента. Како кога загубив од Крис Бирд, и Владимир потоа го нокаутираше. Потоа Владимир загуби од Кори Сандерс, и дојде големиот брат и му се одмазди со нокаут. Сега, немав ваква шанса за одмазда“, вели 47-годишниот Виталиј.
Тој се пензионираше во 2012 година по победата над Мануел Чар во Москва, по што се фокусираше на политичката кариера во Украина. Сега, постојат шпекулации дека Владимир сака да се врати во рингот со потенцијален ри-меч со Џошуа.