Новак Ѓоковиќ е едноставно незапирлив на еден од неговите омилени терени, „Мелбурн парк“, откако во тоа што беше најавено како големо финале на Австралија опен, го збриша Рафаел Надал со 6:3/6:2/6:3 за по седми пат да го крене трофејот и да ја освои својата 15-та гренд слем титула.
Српскиот светски број 1 со кревањето на трофејот „Норман Брукс“ се доближи на два големи трофеи од Надал и на пет од рекордерот Роџер Федерер, започнувајќи ја годината на најдобар можен начин и најавувајќи дека уште е најдобриот на светот.
За жал, овојпат немавме реприза на финалето од 2012 година, едно од најдобрите во историјата на тенисот, и 53. меѓусебен дуел на двајцата тенисери помина еднострано. За Ѓоковиќ ова е 28 победа во осмото финале против Надал на големите турнири.
Ѓоковиќ започна фуриозно, со брејк за водство од 3:0, пред Шпанецот да пружи малку повеќе отпор во последните три гема, но Србинот веќе водеше со 1:0. Надал продолжи да се мачи на сервис на Србинот, кој пак направи два брејка за да поведе со 2:0 и да дојде на чекор на титулата. И третиот сет започна со брејк на 2:1, пред дури во седмиот гем Надал да ја забележи првата брејк топка, која не ја искористи, за Србинот рутински да го комплетира мечот со брејк за една од најдоминантните победи во пресметките со Надал.
Фото: ЕПА