Францускиот тенисер, Лука Пуј кој минатата недела го постави својот најголем резултат во кариерата со влезот во полуфиналето на Австралија Опен открива дека во кариерата добил „непристојна понуда“, да намести тениски меч.
„Играв на челинџ турнир во Романија каде лудачки ме бодреше група од неколку луѓе, а тогаш другиот ден беа против мене, затоа што се обложиле така. На Фејсбук ми понудија пари, но никогаш не им одговорив, не беше вредно. Смешно е да си ги продаваш мечевите и намерно да загубиш поради пари“ – вели Пуј.
Тој вели дека ја поддржува идејата да биде забрането обложувањето на некои турнири.
„Премногу пари се вклучени во обложувањето. Мислам дека е многу комплицирано да се пронајде начин, но мислам дека треба да се отстрани обложувањето на некои фјучерси. Лесно е да отидеш и да се обложиш анонимно, посебно во источните земји. На момците им требаат пари за патување, па кога ќе ти понудат 5.000 евра да изгубиш меч, а знаеш дека ќе заработиш 1.000 ако го освоиш турнирот, тешко е да речеш не“ – вели Пуј.