Менаџерот на Челси, Маурицио Сари инсистира дека Еден Азар треба да добие дозвола да замине во Реал Мадрид ова лето доколку го сака тоа, но се надева дека Белгиецот ќе реши да остане на „Стемфорд бриџ“.
Врската Азар-Реал не престанува да предизвикува шпекулации во англиските и шпанските медиуми, и „Лос бланкос“ се надеваат дека Азар е вистинскиот човек кој ќе ја пополни дупката во тимот по заминувањето на Кристијано Роналдо во Јувентус. 28-годишниот Азар уште во октомври призна дека еден ден би сакал да игра во Реал, но вети дека ќе остане во Челси до крајот на сезоната и неговата форма е фантастична со 13 гола и 10 асистенции во 28 меча оваа сезона.
„Еден има 28 години. Ако сака да си замине, нека го направи тоа. Секако, се надевам дека ќе остане и ќе стане подобар фудбалер со нас. Тој има потенцијал да е најдобриот европски фудбалер, но понекогаш се задоволува и со помалку. Мојата работа е да го подобрам како фудбалер и да го поставан на вистински пат“, објаснува Сари.