Антонио Конте потврди дека постоел интерес да седне на клупата на Реал Мадрид по отпуштањето на Хулен Лопетеги, но Италијанецот признава дека во тој момент клубот бил „жежок компир“, кој било подобро да се остави на мир.
Откако во текот на целото лето постоеше неизвесност за неговото место во Челси, Конте беше отпуштен и заменет со Маурицио Сари, и легендата на Јувентус во тој момент беше еден од главните кандидати за испразнетото место во Реал.
„Местото во Реал Мадрид беше ’жежок компир’ во тој момент. Мислев дека е подобро да не одам, иако постоеше шанса. Не сакам да пристигнувам во клубот во сред сезона, сакам да работам од почеток“, вели Конте во интервју за „Газета дело спорт“.
Шпекулациите во италијанските медиуми потоа го поврзуваа поранешниот селектор со местата во Интер и Рома, но тој вели дека уште нема договор, ниту со Рома, ниту со Интер.
„До летото нема да ме видите никаде освен на некој натпревар. Луѓето зборуваат за Интер подолго време, но тоа е само шпекулација, не постои ниту контакт, ниту понуда и мојата иднина ќе ја проценам смирено“, додава Конте.
Фото: ЕПА