Еден од најголемите ски-скокачи на сите времиња, легендарниот Финец Мати Никенен, почина на 56 годишна возраст. Никенен обележа една читава ера во овој спорт, а осумдесеттите години од минатиот век беа негови. Во кариерата ги освои сите можни трофеи.
Роден е на 17 јули 1963 година, а уште како тинејџер го најавил големиот потенцијал. Првљата титула светски првак ја освоил 1982 година во Осло со неполни 19 години. Една година подоцна победи на турнејата „Четири скокалници“ и го освои Светскиот куп.
Во 1984 година на Олимписките игри во Сараево и четири години подоцна во Калгари немаше конкуренција. На олимпијадите освоил четири златни и еден сребрен медал. На ОИ во Калгари освоил три златни медали, а потоа започна падот во неговата кариера.
Со него финската репрезентација, во екипните натпревари, беше непобедлива.
До својата 22 година успеал да постави пет светски рекорди (191 метар, најдолг лет0 и да ја освои титулата на Светското првенство во летови на Планица.
На тој начин успеал да ги „собере“ сите пет титули во светот на ски-скоквие, што не му успеало на ниту еден друг во историјата.
Кога заминал в пензија, зад неговото име останале запишани 46 победи.
Во текот на деведесеттите бил музичка ѕвезда во Финска, а кога и започнале неговите проблеми со алкохолот. Бил танчер во ноќен клуб, имал проблеми со семејното насилство и завршил в затвор. Поради напад со нож е осуден на 26-месечна казна затвор.
Имал емисија за готвење, бил во брак со милионерката Мерви Тапола, за него пред 13 години е снимен филмот „Мати“. Зад себе остави три деца.