Претседателот на Интернационалната скијачка федерација (ФИС), Џан Франко Каспер мораше да се извинува за контроверзното интервју во кое тврдеше дека климатските промени се „измислица“ и во кое изјави дека е најдобро големите спортски натпреварувања да се оддржуваат во земји водени од диктатори.
За време на Светското првенство во скијање во Оре, Шведска, Каспер во интервју за швајцарскиот весник „Тагес анцајгер“ изјави дека „диктаторите можат да организираат големи натпреварувања без да прашуваат никого за дозвола“, додавајќи дека „од бизнис страна, секогаш би ги избрал диктаторите, не сакам да се расправам со луѓето кои се борат за заштита на природата“.
75-годишниот Каспер е претседател на ФИС од 1998 година, и тврди дека интервјуто е „извадено од контекст“ и коментарите не требало да се земаат сериозно.
Во интервјуто, тој исто така тврди дека имигрантите се причина за падот на зимските спортови во Швајцарија.
„Втората генерација на имигранти не сака да се занимава со скијање. Веќе немаме скијачки шампиони“, вели Каспер.