Top Sport

Хрватска и петти пат мина бараж за пласман на СП

Хрватска остана непоразена во Пиреја во ремито без голови со Грција, за да се пласира на Светското првенство во Русија по победата на првиот меч од баражот во Загреб со 4:1.

Со пласманот, Хрватска станува единствената земја која никогаш не испаднала во бараж за СП или ЕП, победувајќи дури пет пати – 1997 со Украина (2:0, 1:1), 2003 со Словенија (1:1, 1:0), 2011 со Турција (3:0, 0:0) и 2013 со Исланд (0:0, 2:0).

Овој пласман исто така е петти за Хрватска во шест квалификациски циклуси (1998, 2002, 2006, 2014 и 2018), односно како независна земја се нема квалификувано само на СП во Јужна Африка во 2010 година.

Грците почнаа со контрола на топката во својот посед, и веќе во 13. минута се заканија преку Бакасетас со шут над голот, а во 18-тата минута во шанса доаѓа Сократис. Хрватите ја вратија рамнотежата прво преку слободниот удар на Ракитиќ во 27. минута , а потоа и преку Перишиќ во 29. минута. Во финишот на полувремето напаѓачот на Интер, Перишиќ повторно има шанса, кога во 43. минута ја погодува гредата.

Во второто полувреме, Грците го зголемија процентот на посед на топката, и веќе во 58. минута имаа сериозна шанса преку Митроглу, но ударот беше непрецизен. Во 66. минута, Лука Модриќ губи топка во средината на теренот, Грците нафрлаат во пеналтикот, а дефанзивецот на Ливерпул, Дејан Ловрен несмасно интервенира и го погоди Вида во главата. За среќа Субашиќ ја собира топката.

Во финишот на натпреварот стана јасно дека Грција нема да може да даде три голови за да ја поништи хрватската предност, така што играта се смири, иако Грците во 79. минута ја затресоа мрежата преку Димитриос Пелкас, пред голот да им биде поништен поради офсајд.

ГРЦИЈА – ХРВАТСКА 0:0

Прв натпревар: 1:4, вкупен резултат: 1:4

Scroll to Top