Скудерија Торо росо го презентираше својот нов болид за 2019 година, кој ќе го возат повратникот во спортот, Русинот Данил Квјат и новакот Александер Албон, интересна возачка двојка, која претходно беше „шутната“ од јуниорската програма на Ред бул.
Шефот на тимот, Франц Тост потври дека новиот СТР14, кој на прв поглед е речиси идентичен со минатогодишниот болид, оваа година ќе користи „многу делови“ од болидот на Ред бул од 2018 поради тоа што двата тима сега ќе користат мотори на Хонда.
„Компонентите кои се поврзани со моторот ќе имаат исти спецификации како тие на Ред бул рејсинг, колку што дозволуваат регулативите. Другите делови ќе бидат минатогодишни делови од Ред бул рејсинг. Како помал тим, не не можеме да го следиме брзиот развој и производство како големите тимови“, вели Тост.
Introducing the STR14! ?? pic.twitter.com/rfdUoBO29N
— Toro Rosso (@ToroRosso) February 11, 2019
Квјат добива последна шанса од Ред бул, започнувајќи по третпат сезона со Торо росо. Тој прво замина во главниот тим на Ред бул во 2015 како замена за Себастијан Фетел, но се врати по само една година по проблемите. Потоа, Русинот замина пред крајот на сезоната 2017 откако не ја врати формата и лани работеше како возач на симулатор на Ферари.
Албон пак, имаше долгогодишен договор со Нисан за настап во Формула Е, но го прекина за да ја искористи шансата да вози во Ф1. Британецот со тајландско потекло минатата година возеше во Формула 2, каде што ја загуби битката за титулата со шампионот Џорџ Расел.