Македонската репрезентација до 21 година утре во 13:00 часот на националната арена „Филип Втори“ против Австрија го игра натпреварот од четвртото коло за пласман на ЕП во Италија.
Селекторот Благоја Милевски вели дека противникот е добро анализиран и очекува неговите избраници да одиграат квалитетен натпревар.
„Австрија е добро анализирана, се подготвивме добро и очекувам да одиграме квалитетен натпревар. Мечот со Гибралтар е веќе заборавен, фокусирани сме максимално на новиот предизвик и се надевам дека ќе ја исполниме целта. Австрија има свои квалитети, тоа е повеќе од јасно, но ние сме фокусирани на нашето издание. Утрешниот дуел може да биде клучен, но потоа имаме уште шест натпревари. Основна цел во овие квалификации е да се подобри рејтингот и да бидеме конкурентни во квалификациите. Притисок секогаш постои и треба да научиме да се носиме со тоа, без оглед дали е позитивен или негативен“, вели Милевски.
Селекторот за овој натпревар го повика Елиф Елмас, кој изминатите денови со селекцијата до 19 години обезбеди пласман во елитните квалификации за пласман на Европското првенство во оваа старосна категорија.
Македонија во досегашниот тек од квалификациите има одиграно три натпревари, победи кај Ерменија, а загуби од Србија и Гибралтар. Од друга страна, Австрија по четирите натпревари има две победи и исто толку порази.