Немаше поголеми изненадувања во вечерните средби од 1/16 финалето на Лига Европа, откако фаворизираните Челси, Наполи и Валенсија стигнаа до гостински победи по кои се на чекор од осминафиналето.
Челси, во првиот меч по катастрофалниот пораз од 6:0 од Манчестер сити, славеше со 2:1 на гостувањето во Шведска кај Малме, откако прво Рос Баркли и Оливие Жиру донесоа 0:2 предност, пред домаќините да намалат преку Кристијансен.
Слично беше и во Швајцарија, каде што Наполи со 3:1 го совлада тимот на Цирих, благодарение на головите на Инсиње, Калехон и Зиелински, а убедливи на гости беа и Валенсија, кои со 2:0 победија на „Селтик парк“ во Шкотска.
Интересно беше во Плзен, каде што прво навивачката група на Динамо Загреб, „Бед блу бојс“, прво направи хаос низ градот во пресметки со полицијата, за потоа Викторија со пресврт да дојде до 2:1 триумф. Динамо поведе со фантастичниот гол на Дани Олмо во првото полувреме, пред дефанзивецот Лудек Перница да постигне два гола за Викторија.
Фото: ЕПА
ЛИГА ЕВРОПА, 1/16 ФИНАЛЕ, 1. МЕЧ
Селтик – Валенсија 0:2
Бриж – Салцбург 2:1
Малме – Челси 1:2
Викторија Плзен – Динамо Загреб 2:1
Шахтјор – Ајнтрахт Франкфурт 2:2
Спортинг Лисабон – Вилјареал 0:1
Цирих – Наполи 1:3