УЕФА ќе мора дополнително да го казни капитенот на Реал Мадрид, бидејќи тој намерно добил жолт картон, во средата,, на првиот осмина-финален меч во Лигата на шампионите против Ајакс.
Реал победи во Амстердам 2:1 и речиси си ја заврши работата во осмина-финалето. По мечот Рамос признал дека прекршокот за жолт картон го направил со намера, да може да ги исчисти картоните во реваншот.
„Би лажел кога би рекол дека не го направив тоа со намера. Не сакам да ги потценам Ајакс и да кажам дека веќе се е готово, но факт е дека мие потребен одмор. Ќе го гледам реваншот од трибините и ќе навивам за своите соиграчи“, рекол Рамос.
Англиските медиуми излегоа и со доказ дека по голот на Марко Асенсио за 2:1 тој ги прашал на клупата дали да прави фаул за жолт картон.
„Да се обидам?“, ги прашал капитенот членовите на стручниот штаб. Покрај прашањето тој гестикулирал со рацете. Најверојатно кога добил потврден одговор тој се залетал во Каспер Долберг.
УЕФА ќе го разгледува случајот, а одлуката дали Рамос ќе паузира повеќе од еден натпревар ќе ја донесе до крајот на месецот.
Оваа сезона УЕФА го казни играчот на Порто, Хесус Корона, кој како и Рамос признал дека намерно заработил жолт картон за да ја одлежи суспензијата во неважен натпревар, во фазата по групи, за неговиот тим.