Во Ферари не ја криеја намерата Себастијан Фетел да добие приоритет пред неговиот нов тимски колега Шарл Леклер, барем на почетокот на сезоната 2019.
Ферари направија големи промени за новата сезона, со Матија Биното како нов шеф на тимот, и со Леклер како замена за Кими Раиконен, но италијанскиот тим ќе сака да има воспоставен ред на стартот на сезоната во уште еден обид да се прекине „сушата“ без титули од една деценија.
Во минатото во Ферари беа многу критикувани за тимските наредби, како таа на Раиконен да го пушти Фетел на Германското ГП, пред да дозволат борба за водство во првиот круг на Италијанското ГП, така давајќи му шанса на Луис Хамилтон да победи. Биното вели дека со новак како Леклер во тимот, тоа ќе биде неизбежно.
„Тоа е сосема нормално, посебно на почетокот на сезоната, кога ќе бидеме сигурни Себастијан да биде приоритет. Тој е лидер на тимот. Но, нема предрасуди, најважното секогаш е Ферари да победи. Себастијан нема што да докажува, а Шарл треба да научи, иако го познаваме неговиот талент. Се надевам дека ќе имаме проблем двата наши возачи да се борат за победа на секоја трка“, вели Биното.