Шефот на Мерцедес, Тото Волф по првите три дена тестирање пред новата сезона во Формула 1 призна дека според сегашните показатели Ферари има најбрз болид со дури половина секунда по круг преднот пред актуелниот шампион.
Ферари импресионираа со најбрзо време на првите два дена на „Каталуња“, а дали оваа изјава на Волф е само тактичка игра или „криење“ на вистинската форма на Мерцедес останува да се види. Покрај тоа, тој не сакаше да ја отфрли и можноста Ред бул да се побрзи од Мерцедес на почетокот на сезоната и покрај новото партнерство со Хонда.
„Се согласувам со шефот на Торо росо, Франц Тост, реално изгледа дека Ферари се половина секунда пред сите. Не можете да бидете фаворити засекогаш. Но, мислам дека уште не сме покажале што умееме“, вели Волф.
Една од причините за предноста на Ферари е дизајнот на предното крило, откако за новата сезона повторно има нови аеродинамички правила.
„Го цениме нивниот концепт на болидот, но ние сме сигурни во нашиот избор и во работата во текот на сезоната. Ако треба да го смениме приодот, ќе го направиме тоа“, додава Волф.
Дури и шефот на Ферари, Матија Биното потврди дека тие се напред, но не сакаше да го потцени тимот кој ги освои последните пет титули во Ф1.
„Мерцедес се добри во решавањето проблеми. Ако заостануваат, ќе не стигнат бргу“, вели Биното.
Фото: ЕПА