Од секаде пристигнува осуда за синоќешниот перформанс на Јувентус на гостувањето во Мадрид кај Атлетико, за безидејноста, за дефанзивниот стил на игра на екипата која претендира за освојување на трофејот во ЛШ.
По поразот од 2-0 од Атлетико сега „Старата дама“ ќе биде на големо искушение во Торино да обезбеди четвртфинале во еминентното натпреварување.
Една од легендите на клубот, Италијанецот Андреа Пирло смета дека најголем виновник за изненадувачкиот пораз е тренерот Алегри.
„Јувентус одигра натпревар без карактер и желба за победа. Алегри одигра дефанзивно и без амбиција неговиот тим да го нападне противникот. Фудбалерите беа целосно повлечени и чекаа некоја грешка на противникот за да постигнат гол. Тоа така не се прави во вака важна фаза од Лигата на шампионите” – рече Пирло.
Реваншот на 12 март ќе биде посебно тежок за „бјанконерите“ кои освен против негативата од првиот меч, ќе треба да се борат и против лошата традиција.