И покрај тоа што првиот зимски тест во Барселона помина во знакот на Ферари, светскиот шампион на Мерцедес, Луис Хамилтон вели дека сака да ги победува ривалите додека тие се најсилни за победите „да болат повеќе“.
Возачот на Мерцедес ги има освоено четирите од последните пет титули во Формула 1, покрај триумфот со Мекларен во 2008 година, и само во две од тие сезони шампионот не беше одлучен до последната трка – во 2008 и во 2014 година. Последните три сезони, Ферари беа најсериозни конкуренти, а Себастијан Фетел вистински ривал, но титулата беше освоена пред финалето.
„Секоја година целта е да се биде подобар, но и да има поголема конкуренција. Сакаш да ги победиш најдобрите додека ти си најдобар бидејќи така е поболно за нив и поубаво за тебе“, вели Хамилтон во интервју за „Скај спортс“.
Со уште една титула, Хамилтон би бил сам на второто место по бројот на освоени титули, зад Михаел Шумахер со седум, но тој вели дека приодот не се менува.
„Нема дополнителен притисок, бидејќи искрено, ништо не се менува. Секоја година се ресетираш и поставуваш нови цели. Тоа е секогаш така во Формула 1. Односот е ист како и претходно“, додава Хамилтон.