Молк и солзи на „Сан Сиро“! Италија е во шок! Првпат од 1958 година, италијанската фудбалска репрезентација, носител на четири светски титули нема да биде на Мундијалот, откако во реваншот против Шведска не успеаја да го „скршат“ отпорот на „викинзите“ одигрувајќи 0:0, за да се елиминирани со вкупен резултат 0:1.
Сè беше подготвено за колективна воздишка во Италија. „Сан Сиро“ исполнет до последното место, фубалерите со гласно пеење на химната, меѓутоа на теренот „аѕурите“ едноставно не направија доволно да ги „пробијат“ солидните Швеѓани, кои ќе го заземат нивното место на СП во Русија.
Италијанците започнаа под императивот победа, и уште на стартот трипати во офсајд се најде Чиро Имобиле во напаѓачкиот старт на „аѕурите“. Алесандро Флоренци се обиде со удар од работ на шестнасетникот во 6-тата минута, но топката помина покрај левиот дирек.
Стрелецот на голот од Стокхолм, Јакоб Јохансон незгодно го повреди своето колено во 17. минута и мораше да биде заменет со Густав Свенсон.
Во 27. минута, Антонио Кандрева пропушти одлична шанса откако неговиот удар отиде малку превисоко. Чиро Имобиле имаше уште една добра шанса пред шведскиот гол во 40. минута, кога неговиот удар беше изблокиран од шведските дефанзивци. Само четири минути подоцна во шанса е Бонучи, кога неговиот удар со главата поминува над пречката, а најдобрата шанса во првото полувреме ја имаше Флоренци кога помина двајца играчи, но неговиот удар заврши во рацете на голманот Олсен.
Првото полувреме го одбележи и шпанскиот судија Антонио Матеу, кој додели четири жолти картони, а со чист образ можеше да досуди и три пенали – еден за Италија и два за гостите. Во 9. минута Лудвиг Аугустинсон имаше непријатен старт над Марко Паоло, а во 13. минута од другата страна, Ола Тоивонен ја шутна топката во раката на Кјелини. Во 29. минута, по нафрлувањето на Форсберг, топката удира во раката на Андреа Барѕаљи и Швеѓаните повторно протестираат, а Форсберг добива жолт картон за допирање на судијата.
Penalty. #ITASWE
— one-liner (@moving_lines) November 13, 2017
How could be this not a penalty ? #ITASWE #ITASVE pic.twitter.com/LOfhevaZdA
— Bayern (@Bayern1232) November 13, 2017
На стартот на второто полувреме Италијанците почнаа уште посиловито, во директен напад на шведскиот гол. Во 54-тата минута по нафрлањето Флоренци атрактивно удира, но топката поминува само покрај голот.
Во 58. минута, постојаниот напад на голот на Шведска го искористи нововлезениот Исак Кисе Телин, кој се најде во добра позиција, но млако шутираше кон Буфон.
Италијанскиот селектор Вентура во 64. минута се реши да направи две измени, вадејќи ги Маноло Габијадини и Матео Дармијан и поставувајќи ги во игра Андреа Белоти и Стефан ел Шарави во обид да внесе живост во играта. Во 67. минута, Флоренци шутира надвор од шестнаесетникот но топката го удира Микаел Лустиг и завршува во пречката.
Ел Шарави во 87. минута ја имаше можеби најдобрата шанса во целиот натпревар, кога шутираше на левата страна, пред Робин Олсен да одбрани со одлична интервенција.