Откако шпекулациите го поврзуваа со трансфер во повеќе клубови, Иван Ракитиќ реши да ги демантира сите и да каже дека нема шанси да си замине од Барселона, каде што постојано има место во првиот тим.
„Се смеам кога читам што се пишува за мојата иднина. Со Барселона имам договор на уште три години и почестен сум што големите клубови се заинтересирани за мене, но јас мојата иднина ја гледам тука. Но, добро е понекогаш да имаш нешто за смеење со првото утринско кафе“, вели хрватскиот репрезентативец.
Ракитиќ во Барса е речиси пет години по трансферот од Севилја, и оттогаш освои три титули во Ла лига, една од Лигата на шампионите и четири трофеи од Копа дел реј.
„Газета дело спорт“ тврдеше дека по ангажирањето на младиот Френки де Јонг од Барса, Ракитиќ самиот побарал трансфер и тоа во Интер, кои одамна се заинтересирани за неговите услуги. Во Интер, „Ракета“ би имал лидерска позиција во тимот, но и неговиот агент Артуро Кањалес ги отфрли овие шпекулации.
„Ракитиќ да замине од Барселона? Тоа е невозможно сценарио“, изјави Кањалес.
Фото: ЕПА