Големото дерби на англискиот фудбал помеѓу Манчестер јунајтед и Ливерпул на „Олд Трафорд“ донесе малку убав фудбал, но без голови и со многу повредени фудбалери. На крајот, со овој резултат, Ливерпул се врати на првото место во Премиер лигата, но само со еден поен предност пред Манчестер сити, додека Јунајтед го загубија четвртото место на табелата од Арсенал, кои со 2:0 ги победија Саутемптон.
Првото полувреме беше „неверојатно“ за „ѓаволите“, откако Солксјер беше приморан да ги направи трите измени во првите 45 минути од натпреварот, а малку среќа имаа и Ливерпул, откако Роберто Фирмино се повреди.
Јунајтед, кои мечот го почнаа без Немања Матиќ, кој се повредил на саботниот тренинг, остана без Андер Ерера, Хуан Мата и Џеси Лингард. Ерера доби повреда на бутниот мускул по помалку од 20 минути игра, Мата кратко потоа го повреди скочниот зглоб и беше заменет со Лингард, кој на крајот на полувремето се повреди и Алексис Санчез мораше да го заземе неговото место.
Ова е првпат еден премиерлигаш да ги направи сите замени во едно полувреме откако Барнли го направија тоа во јануари 2015 во меч против Њукасл.
На теренот, во првото полувреме, Јунајтед ја имаа најдобрата шанса преку Лингард, кој доби фантастична топка од Ромелу Лукаку, но тука беше подготвениот голман Алисон Бекер, кој мајсторски ја исчисти топката.
Ливерпул имаше малку шанси и во второто полувреме, но во 71. минута сметаа дека се оштетени, барајќи пенал откако Мектоминеј го „грабна“ Матип, кој упати удар со главата. Само пет минути подоцна, топката се најде во мрежата на гостите, меѓутоа Крис Смолинг беше во офсајд кога топката ја упати кон Матип, кој ја смести во својата мрежа.
Фото: ЕПА