Претседателот на стручниот совет на Хрватскиот кошаркарски сојуз, прославениот екс-кошаркар, Дино Раѓа се осврна на резултатите и на прикажаната игра на репрезентацијата на Хрватска.
„Ова што ни се случува е огледало на минатото, сите заедно треба да ги извадиме главите од песок и да почнеме реално да ги гледаме работите. Ние одамна не сме врв во европската кошарка. Погледнете го натпреварот со Полса, тие се физички појаки од нас“ – вели Раѓа.
Тој смета дека играчите на подготовките доаѓаат неадекватно подготвени, па во краток рок не можат да се сменат многу работите.
„Кога пред година ипол јавно реков дека треба да тргнеме од почеток со генерацијата У-20, јавноста ме дочека на нож. Јас само реално гледам на работите, не затоа што сум посебно паметен, туку затоа што на своја кожа го доживеав тоа и знам што ме донесе до таму каде што стигнав“ – вели екс-кошаркарот.
За потсетување Хрватска не избори пласман на Мундобаскетот оваа година во Кина.