Иако со мислите кон пресметката во Лигата на шампионите против актуелниот шампион Монпелје, Вардар го „одработи“ и дербито на СЕХА лигата против ППД Загреб, постигнувајќи тесна 28:26 (13:12) победа со која најверојатно го запечати првото место на табелата во регионалното натпреварување пред Фајнал фор турнирот.
Дуелот на двата тима кои добро се познаваат започна без многу изненадувања од страна на Роберто Парондо и Бранко Тамше, кои решија да им дадат шанса и на ракометарите кои инаку добиваат помалку простор во првиот тим.
„Плинарите“ имаа подобар старт и поведоа со 1:5, но потоа Вардар се „разбуди“ и под водство на Кристијан Дисингер успеа да израмни на 7:7, а потоа да оддржува предност од гол-два до полувремето (13:12). И во второто полувреме беше неизвесно и „тесно“, откако гостите повторно поведоа (19:20), но финишот му припадна на македонскиот клуб за победа со која се искачуваат на првото место на табелата во СЕХА лигата по 15 кола со 38 поени, два повеќе од ППД Загреб и Нексе од Нашице.
Германецот Дисингер беше најрасположен за игра со седум голови, Криштопанс и Кисељев и Карачиќ имаа по четири. Кај гостите, Иван Сршен, изненадувањето на сезоната, заврши со осум гола, додека Јосип Божиќ Павлетиќ додаде шест.
Фото: СЕХА лига