Наполи вечерва ќе го пречека лидерот на табелата Јувентус во дербито на колото, во Серија А. Во пресрет на натпреварот тренерот на „старата дама“, Масимилијано Алегри, проговори за својата иднина во Јувентус, за Кристијано Роналдо и поразот од Атлетико во Лигата на шампионите.
„По завршувањето на сезоната, како и секогаш, ќе разговарам со претседателот на клубот. Тогаш ќе решиме дали ќе продолжиме заедно или секој ќе го фати својот пат“, рекол Алегри, а потоа проговорил за повредата на Кристијано Роналдо.
„Роналдо тренираше со тимот и ќе игра против Наполи. Сами Кедира мора да мине уште некои тестирања. Се надевам дека Даглас Коста ќе биде подготвен за Атлетико, додека Хуан Квадрадо се уште е на рехабилитација“.
Тренерот на Јувентус смета дека критиките по поразот од Атлетико во Мадрид (2:0) биле претерани. Смета дека неговиот тим се пред тешка но не и невозможна мисија.
„Ги разбирам конструктивните критики, но не и кога очекувањата ќе ги надминат границите на реалноста. Не можете да очекувате константно да победуваме. Не заборавајте дека откако сум тука Јувентус бил поразен само 11 пати во Лигата на шампионите. Тука се поразите од Јанг Бојс и Севилја во ситуација кога веќе имавме обезбедено пласман понатаму, потоа бизарниот пораз од Манчестер Јунајтед и губевме од Барселона, Реал и Атлетико. Не сум фан на статистиката, но таа е на моја страна“, заклучил Алегри.