Светскиот шампион во тешка категорија, Ентони Џошуа вели дека не би имал шанси во меч со „Челичниот“ Мајк Тајсон во неговите најдобри денови, бидејќи тоа не го можел никој.
Тајсон стана најмладиот шампион во тешка категорија на 20 години и 4 месеци во 1986 година кога го нокаутираше Тревор Бербик во втората рунда, а пет години подоцна беше уапсен за силување на 18-годишната Дезире Вашингтон и во 1992 година осуден на шест години во затвор, од кои отслужи помалку од три.
Тој повторно стана шампион во 1996 година, но двата порази од Ивандер Холифилд, од кој во вториот му одгриза дел од увото на ривалот беа почетокот на падот. Тој загуби во три од следните четири меча (од противници како Дени Вилијамс и Кевин Мекбрајд). Сепак, Џошуа, ИБФ, ВБА и ВБО шампионот вели дека би немал шанси против него.
„Мајк Тајсон ќе ме здробеше. Немаше да имам шанси против тој човек. Ќе го земев чекот, не ме сфаќајте погрешно, но ќе паднев. Тој беше ѕвер и тоа мора да се признае. Иако има над 50 години, во мојот ум тој е уште младиот 21-годишен Тајсон. Имаше толку големо влијание на сите во светот на боксот“, објаснува Џошуа.
Мало потсетување за тие кои го пропуштиле „Челичниот“.