Истрага против Манчестер сити, поради непочитувањето на правилата пропишани со финансискиот фер-плеј (ФФП), покрена Европската фудбалска унија (УЕФА).
Од европската куќа на фудбалот соопштиле дека ќе се истражат наводите што во изминатиот период ги пласираа некои европски медиуми, откако на виделина излегоа податоци што ги собрале хакерите од групата „Фудбал Ликс“.
УЕФА за секој случај ќе отвори посебна истрага.
Германски „Шпигл“ по објавувањето на документите од „Фудбал Ликс“, објави серија на текстови во кој се обвинува Манчестер сити за нелегално делување, односно дека сопствениците од Обединетите Арапски Емирати, преку „напумпани“ спонзорски договори ги заобиколиле и ги прекршиле правилата на УЕФА.
Од клубот се огласија со зборовите дека „постои јасна намера на клубот да му биде нанесена штета“ и дека во целиот случај тие биле жртви на хакери и дека наводите на „Шпигл“ се измислици.
Исто така, клубот е обвинет и за нелегална исплата на лице што делувало како посредник при трансферот на тинејџерот Џејдон Санчо, кој како 16-годишник не смеел да има менаџер.
УЕФА водеше постапка против Сити и во 2014 година, кога утврди дека клубот ги кршел правилата. Тогаш Сити добија парична казна.