Top Sport

Вињалес на пол-позицијата во Катар

Возачот на Јамаха, Маверик Вињалес, ќе стартува од пол-позицијата во првата трка во новата сезона, во Мото ГП. Шпанецот, во Катар, до првата позиција стигна со најбрзиот круг од 1:53.546 минути.

Интересна борба се водеше за втората позиција помеѓу возачите на Дукати и Репсол Хонда, Андреа Довициозо и Марк Маркез. Италијанецот го победи актуелниот светски првак за еден илјадити дел од секундата.

Зад Маркез се најдоа Џек Милер на Прамак Дукати, а дебитантот Фабио Квартараро приреди изненадување со освојувањето на петтото место. Вториот стартен ред го комплетираше Кал Крачлоу. .

Непријатно изненадија во квалификациите Валентино Роси и Хорхе Лоренцо, како и Жоан Зарко. Роси ќе стартува од 14 место, Лоренцо е зад него, а Зарко во квалификациите беше 21.

Мото ГП трката за Големата награда на Катар в недела ќе започне во 18 часот.

Scroll to Top