Градското дерби во Чемпионшип меѓу Бирмингем и Астон Вила го одбележа хулиганот кој влета на теренот на стадионот „Сент Ендрјус“ и го удри в лице играчот на Вила, Џек Грилиш.
Навивачот на Бирмингем, 27-годишниот Пол Мичел десет минути по почетокот втрча на терен и го удри в лице Грилиш. Мичел без отпор беше уапсен, а веќе му е одредена и казната и тоа драконска. Тој 14 недели ќе помине во затвор, а во Велика Британија нема да смее да влезе на стадион цели 10 години.
Дополнително судот во Бирмингем му одреди и парична казна од 350 фунти.
„Тој не може да објасни што му се случи во неделата. Неговата првобитна будалеста намера му била да излезе на терен и да ја забавува публиката“ – изјавил адвокатот на Мичел, Вон Вистанс.
Џон Грилиш по почетниот шок, призна дека добро помина во инцидентот.
„По се, не можам да размислувам за тоа колку навистина имав среќа. Можеше да биде далеку полошо доколку навивачот при инцидентот имаше некакво оружје со себе“ – рече играчот на Астон Вила.
Мичел кој работи во пивница не бил под дејство на алкохол во моментот кога го удрил Грилиш, но тоа не е олеснителна околност. Навивачот кој веќе 20 години има сезонски билет изјавил дека бил прежестоко казнет.