Поранешниот професионален боксер и голем навивач на Манчестер сити, Рики Хетон го предизвика поранешниот дефанзивец на Манчестер јунајтед, Рио Фердинанд на боксерски меч, најавувајќи дека ќе ја прекрати пензијата за можен дуел.
Фердинанд во септември објави дека станува професионален боксер со помош на букмејкерот „Бетфер“ и покрај неговите 38 години. Тој најави дека сонува за шампионски појас.
Хетон, кој во кариерата имаше 45-3 скор и беше светски шампион во две тежински категории пред кариерата да му „пропадне“ по борбата со депресијата и со дрогите, вели дека би сакал да го предизвика поголемиот Фердинанд.
„Рио е одлично момче и вистински фан на боксот. Сигурен сум дека е сериозен и дека не го прави тоа само за промоција. За него, би се вратил во рингот за уште еден меч“, вели Хетон.
Фердинанд освои 6 титули од Премиер лигата додека беше фудбалер на Манчестер јунајтед и „собра“ 81 настап за англиската репрезентација.