Top Sport

Зидан се врати со победа, Иско и Бејл стрелци против Селта (Видео)

Зинедин Зидан забележа победа во првиот меч по враќањето на клупата на Реал Мадрид. „Кралскиот клуб“, попладнево, во 29 коло ја победи Селта Виго 2:0.

Натпреварот со Селта многу веројатно му ги покажа сите слабости со кои Реал се соочува оваа сезона. Му покажа и на кои играчи ќе може да смета во иднина, односно во наредната сезона.

Враќањето на Зидан значеше и враќање на Кејлор Навас, Марсело, Иско, Марко Асенсио и Герет Бејл во стартниот состав.

Иско и Бејл иако беа стрелци не импресионираа со играта, истото важи и за Асенсио. Марсело, кој кај претходниот тренер Сантијаго Солари беше закован на клупата за резерви, беше инспириран за игра, додека Навас имаше малку работа која беспрекорно си ја заврши.

Првото полувреме беше нервозно од двете страни со многу погрешни додавања и без сериозни шанси за гол. Најблиску до гол беа напаѓачот на Селта Макси Гомез чии удар го одбрани Кејлор Навас и Герет Бејл кој ја погоди гредата.

Првиот гол на мечот го постигна Иско во 62 минута. Ја Иско ова беше прв гол по пауза од шест месеци. Овој фудбалер ја круниса со гол одличната акција во која учествуваа Модриќ, Асенсио и асистентот Бензема.

Точка на натпреварот стави Бејл во 77 минута. Асистент за голот беше Марсело.

Scroll to Top