Коринтијанс стигнаа до рекордна седма титула во бразилската лига, откако со 3:1 ги совладаа Флуминенсе и направија недостижна предност на три натпревари пред крајот на сезоната.
Енрике донесе водство за Флуминенсе по само три минути игра, но со два гола во првите три минути од второто полувреме преку Жо и со гол во финишот на Жадсон, Коринтијанс го освоија трофејот. Тимот од Сао Пауло има 71 поени, 10 повеќе од второпласираниот Гремио.
„Не се сомневавме кога беше најтешко и работевме напорно за оваа титула“, изјави нивниот капитен Родригињо.
Коринтијанс последен пат ја освоија титулата во 2015 година и откако поведоа по пет кола, не го испуштија првото место и покрај падот на формата во септември и октомври. Оваа титула беше посебен триумф за тренерот Кариље, кој дојде на чело на тимот во декември по неколку ангажмани како помошник-тренер.