Иако многу фанови на Ферари очекуваа оваа сезона да биде „вистинската“ и славниот италијански тим да стигне до титулата по повеќе од една деценија, поранешниот шеф на Рено и Бенетон, Флавио Бриаторе вели дека нема шанси тоа да се случи.
Ферари доминираа на зимското тестирање, но потфрлија на првата трка во Мелбурн минатиот викенд, кога Валтери Ботас и Мерцедес покажаа дека „сребрената стрела“ останува тимот кој треба да се победи. Следната трка во Бахреин би требало да му одговара на црвениот болид, но Бриаторе не е сигурен.
„Ќе биде многу тешко да се случи тоа, бидејќи ништо не е сменето од лани. Имаа три зимски месеци да ги подготвуваат болидите и Ферари не успеа ниту да ја стигне разликата до Мерцедес. Единственото натпреварување кое ќе го видиме оваа година е тоа меѓу Хамилтон и Ботас. За да ги победат, Ферари треба да најдат 8-9 десетинки од секундата и затоа Мерцедес ќе доминира. Австралија е нетипична трка, ама ако си силен таму, силен си секаде. Тие почнаа со извинувања од првата трка“, вели Бриаторе.
Тој исто така ја знае и причината за оваа ситуација.
„Сега имаме шампионат на гуми, наместо на возачи. Трките се станати толку технолошки напредни што коментаторите зборуваат само за гуми, гуми, гуми, наместо за гладијаторите кои се борат“, додава Бриаторе.