Серена Вилијамс се повлече од Мајами опен поради повреда на левото колено, додека светската тенисерка број 1, Наоми Осака доживеа уште еден неочекуван пораз, овојпат од Тајванката Хсиех Су-Веи во третото коло.
Вилијамс требаше да игра со 18. носителка, Кинеската Ванг Кијанг, но 37-годишната ветеранка втор турнир едноподруго се повлекува, откако во Индијан Велс не го заврши мечот од третото коло против Гарбиње Мугуруза.
„Се надевам дека ќе се вратам следната година на овој уникатен турнир“, напиша Вилијамс во соопштението.
Осака, пак, загуби со 4:6/7:6(4)/6:3 од Хсиех, за првпат во 64 меча да загуби откако го освојуваше првиот сет. Осака како светска тенисерка број 1 има скор од 3-3, и може да го загуби првото место од Петра Квитова следната недела, која со 6:4/3:6/6:4 извлече победа над Дона Векиќ.
И Роџер Федерер имаше тешка задача, откако го загуби првиот сет од Молдавецот Раду Албот, пред да го победи со 4:6/7:5/6:3 и да се пласира во третото коло на турнирот. Светскиот број 5 од Швајцарија мораше да се бори против 29-годишниот квалификант, кој ја искористи првата брејк-шанса и стигна до водство во првиот сет.
Сепак, искуството потоа го направи своето и Федерер ја запечати победата по 2 часа и 10 минути игра. Турнирот во Мајами оваа година првпат се игра на „Хард Рок стадионот“ наместо на тениските терени на Ки Бискејн и Федерер признава дека чувството е поинакво.
„Беше многу различно, и имав среќа што сум во следното коло. Некако најдов начин“, вели Федерер, кој сега игра со Србинот Филип Крајиновиќ, кој со 5:7/6:2/7:6(5) го победи сонародникот на Федерер, Стен Вавринка.