Top Sport

ФК Работнички, во јуни ќе го организира кампот „Реал Мадрид Клиник“

Фудбалскиот клуб Работнички потпиша договор за соработка со „Реал Мадрид Фондација“ и организација на фудбалски камп „Реал Мадрид Фондација Клиник“ од 17. до 21. јуни во тренинг базата на клубот. Ова ќе биде прекрасна можност за младите фудбалери од академијата на ФК Работнички да бидат дел од „кралското друштво“.

Фудбалските кампови на „Реал Мадрид Фондација Клиник“ нудат уникатна и возбудлива можност да се доживее специјализирана фудбалска обука, доведувајќи ги нивните експертски тренери од најуспешниот светски фудбалски тим.

„Среќни сме што отпочнуваме соработка со „Реал Мадрид Фондација“ и што младинската академија на ФК Работнички ќе биде дел од проектот во Македонија. Младите фудбалери ќе добијат фантастична можност да ги подобрат фудбалските вештини според принципите на „Реал Мадрид Фондација Клиник“. Тренерскиот тим на академијата на ФК Работнички ќе работи според уникатниот пристап и методите за обука на Реал Мадрид Фондација Клиник и ќе има можност за големо усовршување. Се надеваме дека соработката ќе биде долготрајна и успешна“, вели спортскиот директор на ФК Работнички, Иван Поповски.

Програмата на „Реал Мадрид Фондација Клиник“ ќе се реализира во соработка со лиценцираниот партнер „Еуро спорт Арена“, кој досега организираше два кампа „Real Madrid Campus Experience“.

„Чест ни е што имаме можност да одиме едно скалило погоре и во Македонија да реализираме и проект со фудбалските клубови и школи, според принципот на „Реал Мадрид Фондација Клиник“. Веруваме дека тоа ќе биде незаборавно искуство за сите, а најголема добивка ќе имаат токму клубовите, нивните младински академии и сите учесници на камповите“, вели Влатко Тодев, првиот човек на „Еуро Спорт Арена“, лиценцираниот партнер на „Реал Мадрид Фондација Клиник“.

извор/fkrabotnicki.com

Scroll to Top