Top Sport


„Граѓаните“ кај Тотенхем, Ливерпул сакаат реприза против Порто

Англија е во центарот на вниманието кога во прашање се натпреварите во Лигата на шампионите. Утре и задутре на програмата се првите четврт-финални натпревари, а два од четирите натпревари се играат на англиска почва.

Во вторник во Лондон, Тотенхем ќе го пречека Манчестер сити, а во исто време Ливерпул ќе го пречека тимот на Порто.

Сити се актуелни шампиони на Англија и се единствениот тим во Европа со шанси сезонава да освојат четири трофеи. „Граѓаните“ го освоија веќе Лига купот, во саботата се пласираа во финалето во ФА купот, во Премиер лигата за трофејот се борат со Ливерпул, а не се без шанси ниту во Лигата на шампионите.

Пеп Гвердиола е донесен за да го донесе „пехарот со уши“ во клупските витрини. Лани, Сити во оваа фаза, беа елиминирани од Ливерпул.

Тотенхем, до пред месец и пол беа во трка за титулата во Англија, меѓутоа поради неколкуте лоши резултати во серија, тимот на Маурисио Покетино, до крајот на првенството, заедно со Арсенал, Челси и Манчестер Јунајтед ќе се бори за третото и четвртото место.

Овие два тима никогаш не се сретнале во европските купови, а утрешниот меч ќе биде прв европски за Тотенхем на новиот стадион.

На 350 километри оддалеченост од Лондон, во Ливерпул, истоимениот тим ќе го пречека Порто.

Лани, се сретнаа во осмина-финалето. Со вкупен резултат 5:0 Ливерпул се пласираше понатаму.

Историјата на меѓусебните дуели е на страната на тимот што го предводи Јирген Клоп. Порто никогаш не го победил Ливерпул, а во европските купови одиграле шест натпревари. „Црвените“ имаат три победи, три пати било нерешено, а гол разликата е 12:2.

Натпреварите во Лондон и Ливерпул ќе започнат во 21 часот. Во среда, во истиот термин ќе играат Барселона и Манчестер Јунајтед, односно Ајакс и Јувентус.

Scroll to Top