Пол Погба ги продава своите копачки со кои ја освои титулата на Светското првенство во Русија со француската репрезентација минатата година во обид да собере 40.000 фунти за добротворни цели.
Ѕвездата на Манчестер јунајтед ги потпиша копачките со кои го постигна третиот одлучувачки гол во 4:2 победата над Хрватска и тие ќе бидат на аукција во „Кристис“ во Париз за да се соберат пари за добротворната организација „Лес етол де ла сорс“, која помага на млади луѓе (12-25 години) од сиромашните предградија на Париз. Се очекува цената да биде од 25.000 до 43.000 фунти.
Покрај копачките, 26-годишниот Погба, кој е почесен претседател на оваа организација, донираше и шест дреса и потпишани топки од Лигата на шампионите.
„Со огромна почит и емоции се посветувам на оваа асоцијација која помага на младите луѓе кои имаат проблеми. Самиот израснав во Роси-ен-Бри, предградието на Париз и знам колку е тешко да се успее професионално“, вели Погба.