Пред денешното големо дерби во англиската Премиер лига помеѓу Ливерпул и Челси, Манчестер сити успеа да се врати на првото место со рутинска 3:1 победа на гостувањето кај Кристал Палас.
Со овој триумф, „граѓаните“ на Пеп Гвардиола се вратија на првото место на табелата со 83 поени, еден поен пред Ливерпул, додека Палас се на 13. место со 39 поени, девет поени над опасната зона со четири меча до крајот на сезоната.
Актуелниот англиски шампион рано дојде во водство, откако Рахим Стерлинг уште во 15-тата минута од мечот го совлада голманот Гуаита, а апсолутната доминација (над 75 отсто од поседот на топката) на гостите на теренот беше потврдена во 68. минута со нов гол на Стерлинг. Тој сега втора сезона едноподруго има над 20 гола во една сезона.
Сепак, „граѓаните“ малку се тресеа на крајот, кога Лука Миливојевиќ ги донесе Кристал палас на еден гол разлика со убав гол од слободен удар во 81. минута од мечот. Сепак, Габриел Жесус на крајот по еден пробив немаше проблем да смести уште еден гол во мрежата на домаќините.