Top Sport

Самп го победи Јуве, срцепарателен нов пораз за Беневенто (видео)

Јувентус загуби во Џенова со 3:2 за уште еднаш да покаже дека Сампдорија е сериозен клуб оваа сезона, и да дозволи Наполи да избега четири поени по 13 кола во Серија А.

По неубедливото прво полувреме, во 56. минута Дуван Запата ги доведе Самп во водство, за во 71. минута, Лукас Тореира со одличен  удар од дваесетина метри го совлада Војчех Шчесни, кој беше на голот на местото на вознемирениот Џиџи Буфон.

Џанмарко Ферари седум минути подоцна ја запечати судбината на тимот на Макс Алегри, откако најдобро се снајде во шестнаесетникот на гостите. Гонзало Игуаин во судиското надополнување, во 92. минута го намали резултатот на 3:1, пред Пауло Дибала во 94. минута да постигне уште еден гол за 3:2, но на Јуве едноставно му недостасуваа уште неколку минути за да направи целосен пресврт.

Со победата, Сампдорија остана на шестото место со осум победи и 26 поени, девет помалку од лидерот Наполи.

Новиот прволигаш Беневенто, кој сруши неколку негативни рекорди на стартот на Серија А, во 13. меч го делеа секунди од првиот поен, откако успеа да загуби со 1:2 дома од Сасуоло со пенал во 92. минута од играта. Ова е 13-ти пораз едноподруго за малиот клуб.

Алесандро Матри ги донесе Сасуоло во водство во 57. минута, за само осум минути подоцна, Швеѓанецот Самуел Арментерос да биде најсреќен во мешаницата во шестнаесетникот на гостите за израмнување.

Во 67. минута, Гаетано Летиција доби втор жолт картон за да ги остави домаќините со играч помалку. Во 92. минута беше досуден пенал за гостите, кој го утна Доменико Берарди. Надежите за поен траеја до 94. минута кога Федерико Пелузо со одличен удар со глава ја протна топката во мрежата за очај на домашните навивачи.

СЕРИЈА А, 13.КОЛО

Беневенто – Сасуоло 1:2

Сампдорија – Јувентус 3:1

СПАЛ – Фиорентина 1:1

Торино – Киево 1:1

Удинезе – Каљари 0:1

Scroll to Top