Голден стејт Вориорс брутално им одговорија на ЛА Клиперс за поразот во вториот меч, кога испуштија предност од 31 поен. Во Лос Анџелес актуелните шампиони победија 132:105.
Вориорс од почетокот го наметнаа својот ритам, бргу стекнаа двоцифрена предност, а мечот го решија во третиот период (36:24) кога стекнаа предност од 33 поени.
Актуелните шампиони погодија 15 тројки од 38 обиди, а до триумфот ги водеше Кевин Дурент со 38 поени, 4 скока, 7 асистенции и една блокада. Стеф Кари за 20 минути постигна 21 поен, а двоцифрени беа уште и Андре Игудала (15 поени), Клеј Томпсон (12) и Кевин Луни (10).
Хрватскиот репрезентативец Ивица Зубац беше најдобар кај Клиперс со 18 поени и 15 скока.
Четвртиот меч од оваа серија се игра в недела од 21.30 часот, по средно-европско време, а домаќини повторно ќе бидат ЛА Клиперс.