Тринаесет години минаа од финалето на СП во Берлин, во кое Италија по изведувањето на пенали ја победи Франција и ја освои светската титула. Овој меч влезе во фудбалските анали и по начинот на кој што Зинедин Зидан ја заврши својата кариера.
Зизу поради удирањето на Марко Матераци во 110 минута доби директен црвен картон. Тринаесет години подоцна за инцидентот и одлуката да го исклучи Зидан, проговорил и главниот судија во финалето, Аргентинецот Хорацио Елизондо.
„Видов дека Матераци лежи долу. Сигурно бев 40 метри оддалечен од местото каде што лежеше тој, ги прашав помошниците дали виделе што се случило и добив негативен одговор“, се присетил на тој момент Елизиндо и продолжил.
„А тогаш ми се обрати мојот ангел чувар, четвртиот судија Медина Канталјехо, кој ми кажа дека морам да му покажам црвен картон на Зидан бидејќи тој го удрил Матераци. Ми кажа дека ќе зажалам доколку не го направам тоа кога подоцна на ТВ ќе го видам целиот инцидент“.
Елизондо рекол дека Зидан ќе се извлечел без казна доколку Канталјехо не му сугерирал што се случило.