Семејството Ањели подготвува реконструкција на екипата во летниот преоден рок откако и оваа сезона клубот нема да ја освои Лигата на шампионите. Јувентус, во вторникот, беа елиминирани од Ајакс во четврт-финалето во елитното натпреварување.
Во Јувентус беа убедени дека алката што недостига за освојување на Лигата на шампионите е Кристијано Роналдо. Минатото лето вложија во неговиот трансфер, му дадоа плата од 30 милиони евра, но тој сам не успеа да го елиминира Ајакс.
Португалецот, во нокаут фазата ги постигна сите пет гола на Јувентус, а по елиминацијата од Ајкас бил многу разочаран, поради што се шпекулира дека ќе замине доколку и наредната сезона не успее со Јувентус да го освои „пехарот со уши“.
Значи Роналдо останува, а негов партнер во нападот ќе биде Марио Манџукиќ, кој неодамна го продолжи договорот. Можно е конкуренцијата во нападот да биде засилена со Мауро Икарди, а Јувентус ќе го продолжат договорот со Моизе Кен до 2024 година.
Италијанските медиуми секојдневно шпекулираат со имињата на фудбалерите што ќе го напуштат клубот. Минимални се шансите наредната сезона во тимот да бидат Бразилците Даглас Коста и Алекс Сандро.
Со парите од Алекс Сандро клубот планира да влезе во трката за Иско, додека Даглас Коста би заминал за сума од 40 милиони евра.
Од Јувентус ќе си оди Сами Кедира, Андреа Барзаљи заминува в пензија, пред заминување се и две големи ѕвезди, Миралем Пјаниќ и Паоло Дибала. Овие двајца ќе го напуштат тимот само во случај да пристигнат добри финансиски понуди.
Во исто време јасно е дека голманот Војчех Шчешни ќе остане во клубот, а челниците полека ги откриваат играчите за кои се заинтересирани.
Костас Манолас, Самјуел Умтити и Рафаел Варан се опции за одбраната, Иско за средниот ред, а Грималдо од Бенфика за левата бековска позиција.