Тренерот на Барселона, Ернесто Валверде вели дека е изненаден од реакциите за контроверзната прослава на голот на Филипе Кутињо против Манчестер јунајтед оваа недела.
Кутињо доби многу критики на „Ноу Камп“ по просечната сезона откако лани беше донесен за големи пари од Ливерпул, но против Јунајтед постигна одличен гол од далечина за 3:0 победа над Јунајтед, по што застана пред навивачите на Барселона и ги стави двата прсти во ушите. По ова тој беше критикуван дека ги провоцира навивачите, а го нападна и неговиот сонародник Ривалдо.
Валверде пак, вели дека Кутињо мора да ги прифати критиките бидејќи тоа е дел од играњето за Барселона, но вели дека е лошо што прославата фрли сенка на фантастичниот гол.
„Фудбалерите имаат чувства како сите нас. Критиките се нормални – ние сме во светот на фудбалот, каде што има постојани критики. И мораш да се соочиш со тоа. Кутињо исто така. Не зборував со него. Тој направи еден гест, и ме изненадува што зборуваат повеќе за тоа отколку за играта“, вели Валверде.
Барса има 9 поени предност на табелата во Шпанија на шест меча пред крајот во сезона во која бркаат тројна круна – Ла лига, Лига на шампиони и Копа дел реј.
„Сезоната е добра, но сакаме да биде подобра. Први сме во лигата, играме во финале против Валенсија и ќе видиме дали ќе играме во финале на ЛШ. Во моментов сме каде што сакаме. Само двапати претходно Барса ја освои тројната круна“, додава Валверде.