Ракометарите на Вардар, в четврток, ќе го одиграат првиот од двата четврт-финални натпревари против Пик Сегед во Лигата на шампионите. Против унгарскиот тим „црвено-црните“ ќе се обидат трет пат во последните три години да се пласираат на завршниот турнир.
Вардар поседува квалитет кој е потребен за да се елиминира Пик Сегеди и покрај сите проблеми со кои клубот се соочува, особено по објавата на Сергеј Самсоненко дека ќе се повлече од клубот по завршувањето на сезоната.
Неизвесната иднина и проблемите со повредите, барем во овој момент се многу посериозни противници од тимот на Пик Сегед.
„Секаме повторно да играме на завршниот турнир. Мораме да одиграме на високо ниво, затоа што тие се добар тим. Верувам дека играчите ќе го дадат најдоброто од себе. Во мислите ни е само тој натпревар. Го познаваме Пик Сегед, силни се како тим“, рече на прес конференцијата тренерот на Вардар, Гарсија Парондо.
Капитенот на тимот, човекот со најдолг стаж во Вардар од сите играчи, Стојанче Стоилов, фаворитската улога им ја препушта на противниците, најмногу поради поголемиот избор на играчи. Тој не крие дека тешко ја примил информацијата дека Самсонеко ќе замине од Вардар.
„Сергеј не дошол лично да каже што ќе биде со Вардар наредната сезона. Треба да му бидеме благодарни за она што го направ за ракометот, за Вардар и за Македонија. Одлуката ја примив тешко, јас сум навивач на Вардар. Сепак, во овој момент во мислите ни е само Пик Сегед. Целата сезона имаме проблеми, но тоа не влијаеше врз нас. Целтата ситуација е поттик да „гинеме“ на теренот за повторно да играме на еден Ф4“, рече Стоилов.
Првиот четврт-финален меч помеѓу Вардар и Пик Сегед ќе се одигра в четврток, со почеток во 20 часот.