Top Sport

Емотивно збогум на Тони Надал: Благодарам, Рафаел

По 27 години соработка и 75 освоени титули, Тони Надал веќе не е тренер на неговиот внук Рафа. Најнаградуваниот тренер во историјата реши да му напише писмо на светскиот број 1, кое го објави шпанскиот весник „Ел паис“.

„Благодарам, Рафаел

Мастерс купот беше завршниот турнир на мојата кариера како тренер на мојот внук Рафаел. Завршувам среќна етапа од 27 години која започна кога синот на мојот брат Себастијан влезе на мојот тениски терен на само три години. Денеска го оставам сам, но мојот пат не завршува. Продолжувам да работам во тенисот поради ентузијазмот и љубовта кон спортот, која за среќа уште опстанува.

Од почетоците на тениската кариера на мојот внук се обидов да изградам силен и одлучен карактер за да може да се соочи со тешкотиите на животот како тенисер, но и во обичниот живот, бидејќи секогаш сум сметал дека има голема врска.

Знам дека повеќе нервирав отколку што бев нежен, и повеќе барав отколку што ласкав. Му дадов повеќе моменти на незадоволство и секогаш му ја префрлав одговорноста. Со зборовите на Франциско де Квеведо: ’кој очекува во овој живот сè да биде по негово, ќе биде многу несреќен’.

Имав среќа да живеам со генерација на големи тенисери, но секогаш се обидував да ги заштитам нашите интереси и да заземам објективтивен став. Не сфаќам зошто ривалството треба да излезе од спортскиот терен, и ниту еден ривал не го сметавме за непријател. Затоа научивме многу од нив.

Живееме во општество во кое фанатицизмот е присутен, од политиката до спортот, за да го почитуваме само нашето мислење и го мразиме другиот. Моето навивање за Барселона, не ме тера да ги воспевам нивните успеси, ниту ме тера да го мразам Реал Мадрид.

Би било добро да ги смириме страстите на спортско поле и тоа ќе помине и на другото поле.

За сите странски, а посебно шпански новинари, кои ми покажаа огромна почит за мојот внук и со тоа за мене, имам порака на благодарност. Тие не ја губеа почитта дури кога работите беа комплицирани за Рафаел.

За фановите кои го следеа Рафаел на сите турнири, ќе ја кренам чашата и ќе им кажам благодарам.

На крајот, морам да му се заблагодарам на човекот кој е најзаслужен за мојата среќа – мојот внук Рафаел. Односите со него секогаш биле неверојатно лесни. Благодарение на неговото образование, почит и страст, успеав да го искажам моето мислење и став за овој спорт. Му благодарам за искуствата кои ги надминаа моите најлуди соништа. Патував со него на неверојатни делови на светот и се сретнав со најрелевантните луѓе на платената. Денеска се сметам сакан и почитувам поради него, многу повеќе отколку што заслужувам“, напиша Тони Надал.

Scroll to Top