Top Sport

ЦСКА влезе на фајнал фор, Барса и Ефес ќе играат „мајсторка“ (видео)

ЦСКА Москва е третиот клуб кој се пласираше на фајнал фор турнирот во Евролигата (по Реал Мадрид и Фенербахче) по кам-бек победата над Басконија, додека за последниот учесник ќе се почека за „мајсторката“ помеѓу Барселона и Анадолу Ефес откако Каталонците израмнија на 2:2.

Нандо де Коло ги предводеше „армејците“ до кам-бек победа во Виторија втор натпревар во низа за 92:83 победа и 3:1 триумф во серијата. Од 2002 година, ЦСКА има пропуштено само еден настап на фајнал форот, во 2011 година.

Де Коло имаше 27 поени (8-од-11 за два и 3-од-5 за три поени), а додаде и четири асистенции, четири скока и четири украдени топки. Кори Хигинс имаше 19, а Никита Курбанов 15 поени. Басконија успеа да го оддржи ритамот во првата четвртина (22:20) и до полувремето, но Де Коло потоа влезе во ритам, а одбраната дозволи само 12 поени во последната четвртина на домаќините.

Барселона пак, на домашен терен стигна до 82:72 победа над Ефес за 2:2 во серијата и за „мајсторка“ во Истанбул следната недела. Кајл Кјурик имаше 19 поени, Анте Томиќ додаде 13, а Кевин Серафин и Крис Синглтон по 12 поени за победниците. Ефес водеше со 22:15 по првата четвртина, но Барселона потоа ја презеде контролата и имаше дури 15 поени разлика (63:48) за запечатување на победата.

ЕВРОЛИГА, ПЛЕЈОФ

(1:3) Басконија – ЦСКА Москва 83:92 (22:20, 26:19, 23:29, 12:24)

(2:2) Барселона – Анадолу Ефес 82:72 (15:22, 21:16, 27:12, 19:22)

Scroll to Top