Душан Тадиќ е едно од „откритијата“ оваа сезона, предводејќи ги Ајакс до полуфиналето на Лигата на шампионите, каде што во вторник се среќаваат со Тотенхем, а покрај тоа „копјаниците“ се во борба за холандската титула со ПСВ.
Во големо интервју за „Дејли мејл“, 30-годишниот поранешен фудбалер на Саутемптон зборува за разликата за играње во Премиер лигата и во клуб како Ајакс. Србинот, заедно со 29-годишниот Дејли Блинд и 35-годишниот Клас-Јан Хунтелар е меѓу поискусните фудбалери во составот на Ерик Тен Хаг, додека од другата страна тука се новите млади холандски ѕвезди како 21-годишниот Френки де Јонг и 19-годишниот Матијс де Лихт.
„Не е чудно да ги гледам младите фудбалери кои играат без страв. Тоа е дел од ДНК-та на Ајакс. Не им е грижа за притисокот. Ми се допаѓа таа фудбалска филозофија. Се обидуваме да доминираме, без разлика дали играме дома или на гости. Го играме нашиот фудбал и ризикуваме. Затоа е толку задоволувачки. Де Лихт има 19, Де Јонг 21, но размислуваат како 30-годишни луѓе. Имаат комплетен менталитет и никогаш не сум видел такво нешто“, вели Тадиќ.
Тој открива дека добил порака од светскиот тенисер број 1, Новак Ѓоковиќ по победата над Јувентус во полуфиналето.
„Новак би сакал да дојде во финалето ако се пласираме. Важно е ние Србите убаво да ја претставуваме нашата земја, бидејќи знам дека има многу кои не ги сакаат најмногу Србите. Мислат дека не сме добри луѓе и треба да не запознаат да го сменат мислењето“, вели Тадиќ, кој во 51 настап оваа сезона има 34 гола и 21 асистенции.