Поранешниот голман на Евертон и Манчестер јунајтед, Тим Хауард вели дека се надева дека лутите ривали на неговите поранешни клубови, Ливерпул никогаш нема да освојат титула од Премиер лигата.
40-годишниот поранешен американски репрезентативец, кој ја игра својата последна сезона во кариерата со Колорадо рапидс, четири години беше на „Олд Трафорд“, по што во една деценија имаше над 400 настапи за Евертон.
„Се надевам дека Ливерпул нема да освојат титула додека јас дишам. Имаме два тима во форма и двата се во борба за титулата, но ако никој не згреши, тогаш Манчестер сити ќе бидат шампиони“, вели Хауард во интервју за „Си-ен-ен“.
Запрашан за формата на Манчестер јунајтед, кои се само шести во лигата, Хауард вели дека го имаат вистинскиот човек во Оле Гунар Солскјер.
„Секако дека тој е вистинскиот човек. Се надевам дека клубот ќе потроши малку пари и ќе ги добие фудбалерите кои ги посакува и потоа нема да има проблеми“, додава Хауард.