Сезоната од соништата на Ајакс во Лигата на шампионите продолжува, откако „копјаниците“ успеаја да слават клучна 1:0 победа на гостувањето кај Тотенхем во првиот меч од полуфиналето на елитното европско натпреварување.
Тимот кој ги освои срцата на неутралните навивачи со својата брза и атрактивна игра, откако претходно ги елиминираше фаворизираните Реал Мадрид и Јувентус, сега е на чекор до големото финале на „Ванда метрополитано“, бидејќи следната среда на својот „Јохан Кројф“ првпат по подолго време тие ќе бидат фаворити за победа.
Тотенхем можеби толку можеше без своите први ѕвезди Хери Кејн (повреда) и Сон Хеунг-Мин (суспензија), и на реваншот ќе мора да покаже барем малку од пожртвуваноста која ја покажаа кога го елиминираа Манчестер сити ако сакаат да играат во финалето.
Ајакс почна силовито, контролирајќи го поседот на топката и играјќи многу побргу од летаргичните Тотенхем, за ова да се претвори во гол уште во 15. минута, кога Дони ван де Бек успеа да избега од офсајд стапица и да го матира Иго Љорис. Наскоро потоа, тие за малку ќе поведеа со 2:0, кога Ван де Бек повторно се најде пред Љорис, но овојпат францускиот голман беше сигурен.
Страшен момент доживеаја фановите на Тотенхем, кога Јан Фертонген, инаку еден од четирите поранешни фудбалери на Ајакс во дресот на лондончани (Ериксен, Давинсон Санчез и Алдервајрелд), доби удар во глава од голманот на Ајакс, Онана и раскрварен нос. Иако беше јасно дека има посериозна повреда, тој беше оставен на теренот, пред самиот да дојде до својот тренер Маурисио Почетино за да не може сам да го напушти теренот.
Тотенхем играше малку подобро во финишот на првото полувреме, и на почетокот на второто, кога го зголемија притисокот пред голот на гостите, но без успех. Во 78. минута, Нерес беше блиску до голот, кога по асистенција на Тадиќ го погоди дирекот, по што топката се врати во шестнаесетникот и беше расчистена од одбраната.
Застрашувачки момент! Фертонген заработи повреда, едвај излезе од терен (видео)