Гери Кејхил вели дека Маурицио Сари не почитува никого во Челси пред неговото неславно заминување од лондонскиот клуб.
Капитенот на клубот Кејхил освои две титули од Премиер лигата и една од Лигата на шампионите во своите седум години во Челси, но ќе замине на крајот на сезоната откако одигра само 21 минути во Премиер лигата по доаѓањето на Сари, и со само седум настапи во сите натпреварувања.
„За мене лично, беше навистина страшно. Ова ќе биде избришано од мојот ум кога ќе заминам од Челси и последно нешто на што ќе се сеќавам е финалето од ФА купот минатата година. Освоив речиси сè со Челси, така што не очекував да го гледам Челси од трибините. Знам како функционира тимот, имам одлични односи со фудбалерите и со луѓето од клубот, но тоа остана неискористено. Ако некого не ставаш во игра три-четири натпревари тогаш не мораш да дадеш причина, но ако периодот е осум или девет меча, мораш да дадеш објаснување, но менаџерот не го направи тоа. Тешко е да имаш почитување кон некој кој не го почитува тоа што си го направил со клубот“, вели 33-годишниот дефанзивец.
Тој вели дека сезоната за него е „потрошена“.
„Отидов на Светското првенство и не играв, но се вратив со уште повисоко мислење за селекторот Герет Саутгејт. Така треба да се однесуваш кон своите фудбалери. Се навикнував на различни тактики, формации и фудбалски филозофии и горд сум на тоа. Но, не правев проблеми и тренирав секој ден“, вели Кејхил.