Top Sport

Хаос и „анархија“ на „Сан Сиро“ – но клучните три поени остануваат за Милан (видео)

Милан по два меча без победа, стигна до триумф во Серија А, откако на „Сан Сиро“ во понеделничкиот меч беше со 2:1 подобар од Болоња, но мечот ќе биде запаметен по скандалозното однесување на Тиемуе Бакајоко и бизарниот црвен картон на Лукас Пакуета, уште еднаш покажувајќи ја недисциплината на тимот на Џенаро Гатузо.

Првата „глупост“ на мечот се случи во 26. минута, кога Бакајоко реши да одбие да влезе во игра, откако минатата недела беше казнет за доцнење на тренингот на тимот по што сите беа пратени „ин ритиро“, на казнен тренинг до денешниот меч. Французинот требаше да влезе на местото на повредениот Лукас Биља, но наместо тоа му кажа на Гатузо да оди да се „е.е“, со што најверојатно ја заврши својата кариера кај „росонерите“.

Сусо во 37. минута донесе водство за Милан со својот прв гол по повеќе од 1.000 минути (од јануари), а Фабио Борини во 67. минута зголеми на 2:0, меѓутоа Матија Дестро во 73. минута намали на 2:1.

Потоа следуваше уште еден показател за недисциплината на Милан. Лукас Пакуета откако доби жолт картон, реши да го удри судијата по раце, добивајќи уште еден жолт картон оставајќи го Милан со играч помалку во последните 15 минути.

Болоња на Синиша Михајловиќ не го прифати поразот спортски, откако во финишот имаше уште драма – двајца фудбалери на гостите добија црвен картон. Никола Сансоне прво доби втор жолт за неспортско однесување во 96. минута, за потоа и Мичел Дајкс, кој беше на клупата на Болоња, да добие директен црвен во неславен крај на еден неславен меч.

 

Сепак, на крајот, Милан стигна до победата, со која ги заддржува шансите за пласман во Лигата на шампионите – „росонерите“ сега се петти со 59 поени, колку што има и шестопласираната Рома, и три помалку од Аталанта, која засега го држи четвртото место на три кола пред крајот. Болоња, пак, е на 15. место со 37 поени, пет повеќе од зоната за испаѓање.

Скандал во Милан – Бакајоко до Гатузо: Оди е.и се, човеку! (видео)

Scroll to Top