Кога во 2018 ја заврши величенствената играчка кариера, екс-шпанскиот фудбалски репрезентативец, Чаби Алонсо заедно со некогашните колеги Раул, Чави и Виктор Валдес се запиша на елитниот курс на УЕФА за тренери.
Додека ја завршуваше кариерата во Баерн Минхен се појавија шпекулации дека Алонсо би можел да стане дел од раководните структури на минхенскиот клуб, но сепак тој се врати во татковината.
На почетокот на сезонава ги презема кадетите на Реал Мадрид. Сепак сега стигна нова понуда, од Сан Себастијан.
Како што јавуваат медиумите од Пиринеите, екс-фудбалерот добил понуда да биде тренер на младите категории во баскискиот Реал Сосиедад. Претседателот на клубот бил многу упорен и му оставил порака на Алонсо „Врати се и еден ден те чека клубот од Аноета“.
Алонсо кој фудбалската слава ја доживеа во Ливерпул, Реал Мадрид и Баерн Минхен, во Сосиедад помина 5 сезони.
Дека има тренерски потенцијал говори сознанието дека неодамна повторно доби повик од Баерн да ги води младите категории во баварскиот клуб.